Borusura MInato na dlanka Flipbook PDF

Водич низ музејската поставка
Author:  M

90 downloads 115 Views 6MB Size

Story Transcript

Историската приказна на постојаната поставка на НУ Музеј на македонската борба е сведоштво за континуираната револуционерна борба на македонскиот народ за слобода и човекови права остварени преку идејата за создавање независна и самостојна држава. Патот од зачетокот на нацијата, па сѐ до денес, е претставен преку бројни локални и глобални историски настани во 13 хронолошки одделенија. Во овој водич нашата приказна ќе ја раскажеме преку одбрани музејски предмети кои имаат неверојатна моќ да го оживеат минатото. Свртувајќи се кон традицијата, фокусирајќи се на секојдневјето на човекот, ќе раскажеме нешто повеќе за минатото, за начинот на живот и обичаите, за старите занаети, за модата, за влијанијата на ориенталната култура и културата од западноевропските земји. Ќе учиме за човекот, животот и слободата.

Прво одделение:

Запознајте го ајдутското движење Можеме да кажеме дека почетоците на македонската борба за слобода се тесно поврзани со ајдутството како форма на неорганизиран, но масовен вооружен отпор на христијанското население во Македонија против османлиското владеење. Ајдутството како движење се појавува во далечниот 16 век, а кулминира во втора половина на 19 век. Предвесниците на македонското револуционерно движење дејствувале поединечно или во ајдутски дружини, со оружје се спротивставувале и се одмаздувале за насилствата на претставниците на османлиската власт. Најчесто оружје во рацете на ајдутите биле кубурите. Оружјето и воената опрема претставени во постојаната поставка на музејот датираат од крајот на 14 век до втора половина на 20 век. Преку деталите на оружјето, индиректно можеме да се запознаеме со историските процеси и настани или, пак, со развојот на традиционалните занаети и индустрискиот развој во човештвото. Оружјето генерално се дели на: оружје со источно и западно потекло, како и ладно и огнено оружје. Групата на ладно оружје се дели на блиско или ударно, каде што спаѓаат: секири, хелебарди, боздогани, топуз, салма, јатаган, сабја, бајонети, копје и ножеви. Во групата на огнено оружје спаѓаат: кубури, пиштоли, револвери, пушки, полуавтомати, автомати. За да може огненото оружје да функционира, неопходно е да се посвети внимание на неговото чистење и одржување. Во групата на воена опрема спаѓаат арбија, мастилница барутница, фишеклија, припојасници. Најпознатите центри на оружарските занаети во османлиска Македонија од 17 до 19 век биле Дебар, Скопје и Тетово.

2

На вашата дланка:

Пиштол на кремен, тип кубура Материјалот од кој е изработена кубурата е метал, дрво во кафеава боја и месинг со жолта боја. Во предниот горен дел има метална цевка, која е мазна и украсена со цветни и геометриски мотиви. На овој примерок цевката е кратка, вообичаено таа е подолга. Всадникот е дрвен и во долниот дел ја обвива цевката. Во предниот дел на всадникот има оков од украсен месинг. Под него има дрвена арбија, која е прицврстена со два метални окови. Арбијата се користела за чистење и одржување на цевката. Механизмот е со надворешен табан и на горниот дел се забележуваат два подвижни дела помеѓу кои се поставува кременот за пукање. Под механизмот е чкрапалото, кое е изработено од месинг и е украсено. Во задниот дел дршката завршува во полусвиткана форма, која на крајот има истакнат јаболчест дел. Јаболчестиот дел е карактеристика на пиштолите на кремен, кубури од западен тип. Во Дебар, Скопје и Тетово најчесто се произведувале кубури кои ги сретнуваме под назив целина, дебарка, жутелија или шилка. Дршката во крајниот дел најчесто завршува со истакнат шилест врв. Целосната должина на кубурата е 43 см, а според карактеристиките таа е со западно потекло.

Второ одделение:

Промени во Отоманската Империја Крајот на 18 и почетокот на 19 век за Отоманската Империја е период на видливо опаѓање на моќта, што довело до опасност од внатрешно распаѓање. Со носењето на Ѓилханскиот хатишериф започнува период на реформи наречен Танзимат (1839 - 1876). Ѓил-хане во превод „куќа на розите“ е место во Топкапи Сарај во Истанбул

3

каде што е објавен овој акт во 1839 година. Со него за првпат во Отоманската Империја официјално се признала рамноправност на граѓаните пред законот, без разлика на вера, народност и положба. Друг значаен акт е Хатихумаунот донесен на 1856 г. со кој се ветувале сосема нови реформи од управно-правен, просветен и економски карактер. Иако овие реформи не донеле големи промени, сепак го трасирале патот на трансформација на државното уредување навестувајќи ги новите принципи за една модерна држава. Традиционалниот мебел е видлив сведок на богатата културна традиција на македонскиот народ низ минатото. Во етнологијата е потврдено дека внатрешното уредување на градската куќа се формирало според традиционалниот живот, но врз него имале влијание ориенталната и европската култура. Во второто одделение на музејот е претставен градски мебел, маса со шест стола рачно изработени од дрво во плитка резба. Овие примероци се јасен пример за знаењето и умешноста на мајсторите од средината на 20 век.

На вашата дланка:

Покуќнина од дрво и мебел Масата и столчето имаат шестоаголна форма и темнокафеава боја. Подигнати се на шест ногалки и имаат две нивоа и исти карактеристики. Седиштето има шестоаголна форма, украсено е со богати орнаменти од растителни и геометриски мотиви. Централниот дел од седиштето е украсено со шестолисна розета, а околу неа има шестокрака ѕвезда. Помеѓу краците на ѕвездата од надворешната страна се формирани шест ромбови. Декорацијата на седиштето завршува со појас украсен со брановидни линии. На шест места помеѓу секои две ногалки има декорација со два цвета. Долното ниво на столчето ги има истите карактеристики. Орнаментите се формирани со плитка резба. Столчето на горното ниво е широко 58 см, високо 70 см. Широчината на долното ниво е 50 см, а висината висина е 35 см. Масата на горно ниво е широка 58 см, висока 70 см. Широчината на долното ниво е 50 см, а висината 35 см.

4

Трето одделение:

Од ајдуци до востаници Во втората половина на 19 век почнала да созрева идејата за македонска нација и слобода. Носители биле интелектуалците образовани во османлиска Македонија и во странство, војводи докажани во ајдутските борби и доброволци во војните против Османлиското Царство. Во процесот на Големата источна криза, што всушност претставува политичко-дипломатски процес во периодот од 1875 до 1881 г., се донесени низа правни акти, договори (прелиминарни или ратификувани) кои ја креирале иднината на тогаш новите национални држави на Балканот. Во текот на кризата било актуелно источното прашање, кое го третирало и проблемот за опстанок на Османлиската Империја. Како резултат на Берлинскиот договор (13 јуни - 13 јули 1878 г.) се потенцирале низа прашања меѓу кои и македонското прашање. Со договорот се предвидувало воведување делумна административна автономија за Крит и другите делови на европска Турција (се однесува на Македонија, Албанија, Епир). Во вакви комплексни околности како резултат и на останатите востанија и војни, избувнале Разловечкото востание (1876) и македонското Кресненско востание (1878). Во текот на Кресненското македонско востание било формирано и првото востаничко раководно тело - Штаб на востаниците. Бил изработен и документ од востаниците, именуван како „Правила на Македонскиот востанички комитет, или Привремени правила на македонското востание“. Во овој документ прецизно се утврдени целите, средствата, начинот на вооружување, дејствувањето, војувањето, моралот, чесноста на востаникот, но и санкциите за него доколку не ги почитува пропишаните правила. Востанијата, иако неуспешни, се настани кои го означуваат почетокот на организираното македонското националноослободително движење. Во амбиенталната презентација на овој период од македонската историја се претставени и предмети од покуќнината на традиционалното македонско домаќинство. Садовите од дрво ја сочинуваат речиси целата покуќнина во традиционалните домаќинства, пред сѐ во селските средини. Најчесто за изработка на садовите се употребувало буково, дабово, ореово, липово, крушково, црешово, тополово, борово и чамово дрво. Најголем број од садовите кои некогаш се употребувале биле изработувани со техника на длабење (копање) и делкање. За некои садови била користена и техника на свиткување, при што дрвото се вари или се става на пареа, па се свиткува. Позната е и качерска-бовчарската изработка при која многубројни штички се редат во круг поврзани едни до други.

5

Според функцијата, традиционалните садови од дрво може да се поделат во две основни групи: садови за домашна употреба и садови за разни земјоделски активности. Во групата на садови за домашна употреба има повеќе подгрупи, но ние ќе ставиме акцент на садови за млеко и млечни производи.

На вашата дланка:

Бутин со матало

Предметот бутин е дрвен и има кафеава боја. Во бутините се матело - биело млеко за да се добие матеница, биеница и маст (путер). Се среќаваат под различни имиња, како: бутин, битињ, буитк, бутина, бучка. Бутинот е симбол на овчарите, се користел во обичаите за ѓурѓовденските празници, за да се заштитат овците и млекото и да се обезбеди поголема плодност и млечност. Во различни делови на Македонија различно се празнувал Ѓурѓовден. Во Делчевско на првиот ден од Ѓурѓовден, бутинот за првпат го изнесувале од куќата, се закитувал со различни билки (зеленило) и во него го мателе „првото“ млеко. Бутинот е со конусен облик, направен е од долги штици наредени во круг истегнати со метални обрачи. Во горниот дел една штичка е со подолга должина, која служи како рачка. Составен дел на бутинот е „маталото“, кое претставува долг стап на чиј долен дел е вметната дрвена плочка на која има неколку дупки. Со маталото се прават вертикални движења и на тој начин се издвојуваат масните состојки. Бутинот е висок 88 цм, има обем од 62 см и рачка со должина од 12 см.

6

Четврто одделение:

Развој на културно-просветната и литературна дејност Борбата за слобода била тесно поврзана со борбата за црковна и просветна еманципација на македонското население во Османлиската Империја. Кон крајот на 19 век главниот збор го имаат македонските преродбеници, учебникари и борци за обновување на укинатата Охридска архиепископија (1767 г.) Нивниот придонес во сеопштата борба за македонска слобода е исклучителен поради градење на темелите на главните обележја на една нација – јазик, традиција, просвета и култура. Дел од овие културни дејци биле и непосредни учесници во организираното македонско револуционерно движење, односно во Македонската револуционерна организација.

На вашата дланка:

Книга ,, За македонцките работи” Книгата „За македонцките работи“, чиј автор е Крсте Петков Мисирков, е од непроценливо значење како дело со кое се поставени темелите на македонскиот литературен јазик. Во неа авторот отворено и јасно ги искажува своите погледи за македонското прашање, националната свест, а пред сѐ македонскиот јазик, правопис и азбука. Мисирков посочува дека создавањето посебен македонски литературен јазик претставува најрешителен израз на стремежот на македонскиот народ во постигнувањето на својата слобода. Потенцира дека централните говори од областа Велес – Прилеп - Битола - Охрид треба да бидат основа при формирањето на македонскиот јазик. Токму оваа препорака 42 години подоцна е директно употребена при кодифицирањето на современиот македонски јазик. Книгата е издадена на крајот во 1903 година, во печатницата на „Либералниот клуб“ во Софија. Димензии на книгата: висина 20 см, ширина 14,5 см, има 135 страници, чија содржина е поделена на предговор и пет поглавја (статии).

7

Петто одделение:

Борбата за слобода добива своја организација Стигнуваме во деведесеттите години на 19 век кога востаничките обиди, преродбата и зголемувањето на македонската интелигенција, особено учителската, довеле до широко ослободително движење што ја зафатило Македонија. Движењето добило и своја организација - Македонската револуционерна организација (МРО, потоа ТМОРО) со консултативниот состанок кој бил одржан на 23 октомври 1893 г. во Солун. Конкретното конституирање на МРО било на 5 јануари 1894 г. пред Богојавление, празникот кој меѓу народот е познат како Водици. МРО се определила да се бори за политичка автономија на Македонија во рамките на Османлиското Царство преку едно општонародно востание како преоден чекор до создавање посебна македонска држава. Организацијата била широко поддржана и прифатена од сите слоеви на македонското општество поради што постепено прераснала во најважен фактор за борбата на македонското население за слободен развој и промена на државниот и општествен поредок на Османлиското Царство. Таа го претставува почетокот на едно ново, организирано, континуирано, планирано, насочувано револуционерно националноослободително движење. Во амбиенталниот приказ на ова одделение може да видиме касела, еден од највпечатливите предмети од ентериерното уредување на македонската куќа во минатото. Традиционалните ковчези (касели или сандаци), без разлика дали се од селска или градска куќа, имаат повеќекратна функција. Во нив најчесто се чувала облека постелнина, пари, други скапоцености, а поретко и храна. Невестинските ковчезите сведочат за минатото, културата, но тие може да ни ја раскажат љубовната приказна, спомените и надежта на нашите предци. Во минатото девојката, вредно со години го подготвувала чеизот, невестинската руба, која претставувала единствена нејзина лична сопственост која со себе ја носи и внесува во новото семејство, во брачната заедница во која зачекорува. По своите карактеристики ковчезите се делат на три типа: селски невестински ковчези, најчесто изработени од буково дрво, во форма на квадар подигнати на четири ногалки, со едноставен рамен капак; втор тип градски невестински ковчези изработени од комбинација на дрво, текстил, кожа и метал во форма на квадар, без ногалки; и третиот тип, патни ковчези изработени од дрво, врз кои е нанесен еден слој боја, и каде што има метални апликации.

8

На вашата дланка:

Касела

Дрвена касела, која потекнува од крајот на 19 век, а се употребувала за чување облека и во почетокот на 20 век. На неа преовладуваат зелената, црвената и жолтата боја. Предната страна е украсена со цветни мотив исцртани со боја, а капакот и двете потесни страни се украсени со геометриски мотиви од полукружни брановидни линии. На предниот дел на каселата најчесто може да се сретнат натписи, како иницијали, имиња на сопствениците или, пак, година на стапување во брак. На овој примерок е испишана 1888 година во црвена боја. Во горниот дел се затвора со рамен капак на кој има метален дел за затворање. Каселата е со правоаголна форма долга 92 см, широка 39 см.

Шесто одделение:

1903 и Илинденското востание Македонското население било непоколебливо решено да даде сè од себе за возвишениот идеал кон кој се стремело: отфрлање на османлиската власт и извојување политичка и национална слобода и своја држава. Решителноста добила потврда на 2 август 1903 г. кога започнало Илинденското востание. Во Битолскиот револуционерен округ востаничката доминација се чувствувала во Демирхисарско, Кичевско, Охридско, Костурско и Леринско, каде што биле ослободени повеќе села. Сепак, најзначаен бил востаничкиот успех во Крушево, каде што е воспоставена привремена народна власт, Совет од 60 члена и шесточлена Привремена влада, признаена од населението, која во историографијата е прифатена како Крушевска Република. Востанието во Битолскиот револуционерен округ,

9

иако било најмасовно, по 10-11 август било задушено поради ефективниот план на Насер-паша. Во текот на септември 1903 г. властите воспоставиле контрола врз поголем дел од вилаетот. Главниот штаб имајќи ја предвид репресијата на која било изложено населението, но и договорената средба во врска со македонското прашање помеѓу рускиот цар и австроунгарскиот император на 2 октомври 1903 г. донело одлука за демобилизација на востаничките сили. За разлика од Битолскиот, во Солунскиот, Струмичкиот и Скопскиот револуционерен округ биле преземени востанички дејства од партизански карактер. Во Серскиот револуционерен округ востаничките акции започнале на 27 септември на празникот Крстовден 1903 година. Со заклучоците донесени на Солунскиот конгрес од 1896 г., Одринско како територија надвор од Македонија, било прифатено како посебен револуционерен округ на ТМОРО, со цел да се зголеми антиосманлискиот потенцијал. Во овој округ востаничките акциите започнале на 19 август 1903 г. на верскиот празник Св. Преображение. На востанието му претходеле и други херојски акции како онаа на младите македонски гемиџии, кои го привлекле вниманието на османлиската и европската јавност со нивните атентати во Солун. Востаничката 1903 година е длабоко врежана во заедничкото сеќавање на македонскиот народ и со трагичниот крај на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев и на други познати и непознати револуционери, војводи и востаници кои загинале во вооружените борби со османлиската војска. „Црешовото топче“ е една од првите асоцијации на Илинденското востание. Од воен аспект ова оружје нема особено значење, но од морален аспект и денес сведочи за херојството, борбата и решителноста на востаниците и претставува симбол на македонската борба за слобода и самостојност. Црешовото топче било направено по скица на Тодор Христов и наредба на Никола Карев. Цветко Стојчев од с. Селци, Тодор Борјар и други мајстори од с. Селце исекле две големи цреши и направиле 7 трупци. При изработката на крај биле добиени три црешови топчиња долги 150 см, тешки околу 20 км. Топчињата најчесто се правеле од див бадем и дива цреша, кои биле многу цврсти особено кога биле суви. Трупците се длабеле, а однадвор се засилувале со метални обрачи. За да се спречи распукнувањето на топчето било потребно половина година да стои во масло или катран од афион, па потоа поставено на сонце и топлина за да се суши. Сето ова како постапка се правело кога имало доволно време. При борба за полнење на топчето се користеле шајки, ситни парчиња железо, баут, фитил, ѓулиња, железни топки од кантар, па дури и рачни бомби. Бомбите биле полнети со 2/3 калиумхлорат и 1/3 сулфур. Денес оригиналното Црешово топче се наоѓа во Воениот музеј во Истанбул.

10

На вашата дланка:

Црешово топче

Црешовото топче е поставено на дрвени основи, кои се состојат од два дела. Првиот дрвен дел е со широчина од 39 см, а висок е 18 см. Вториот дрвен дел е со помали димензии, широк е 26 см и висок 12 см. Задниот дел на основата е со помали димензии со височина од 18 см, широчина од 59 см, на кој има страничен дел за фиксирање долг 51 см. На оваа основа е поставено дрвеното топче, кое на допир е рапаво и има темнокафеава боја. Долго 1 м и 39 см, со пречник од 25 см. Во предниот дел има кружен отвор со широчина од 10 см, кој е вдлабнат и кој служел за ставање муниција. На топчето се забележуваат пет челични окови фиксирани со челични нитни. Во предниот страничен дел се поставени два предмети кои се дрвени и служеле за чистење на топчето. Едниот дрвен предмет е тег за полнење и подмачкување на топче (картеч за полнење). Тој е долг 1 м и 84 см во предниот дел обвиен со ткаенина фиксирана со жица и со должина од 15 см. Крајниот дел на предметот има цилиндрична форма, која е со должина од 9,5 см. Околу топчето се изложени ѓуле и два тега.

Седмо одделение:

По Илинденското востание Илинденското востание било крваво задушено од османлиската војска. Состојбата во Македонија останала и понатаму сложена и крајно мачна поради репресивните мерки што ги преземала османлиската власт, како и зголеменото присуство на вооружени чети на соседните држави, кои биле пред сè насочени кон пренасочување или преземање на дејноста на ТМОРО (ВМОРО) во Македонија. Од друга страна, Организацијата била соочена со внатрешните идеолошки спро-

11

тивставености околу нејзината организациска структура, раководење и начинот на водењето на борбата за постигнување на главната цел – ослободување и создавање македонска држава. Македонската историја од овој период е полна со значајни настани и личности на Организацијата, трагични битки, загинувања на познати војводи и раководители, но и предавства и интриги. Во амбиенталната презентација на овој период од македонската историјa е и чамец, кој им бил од голема корист и на револуционерите. Чамецот, како повеќенаменското превозно средство, се користел за риболов, транспорт, односно кираџиство - пренесување жито, дрва, грозје, пошта и патници, за рекреација, за свадби, панаѓури и верски празници. На чамецот можеме да гледаме и како на симбол на неизвесноста, ако на пример направиме компарација со алегоричен израз за специфичниот живот на групата гемиџии. Една од интерпретациите за терминот „гемиџии“ вели дека означува група луѓе кои се простиле од својот живот и го пуштиле својот брод (гемијата) во немирното море, во еден правец и која не се враќа. Но чамецот може да биде и асоцијација на херојски воени стратегии практикувани од „Ениџевардарското сонце“, македонскиот ајдутин и револуционер Апостол Петков Терзиев.

На вашата дланка:

Чамец

Чамецот е дрвен, во светлосива боја и се состои од три основни делoви: предница со закрилици од двете страни со височина од 1 м и 20 см, а широка 70 см. Таа е повисока од задницата. Должината на чамецот е 3 м и 20 см, а широчината е 1 м и 10 см. Задницата е во полукружна форма со широчина од 1 м и 10 см и е пониска од предницата. Поставени се седишта за дрва на предната и задната половина. Странично има две весла со должина од 2 м и 50 см.

12

Осмо одделение:

Завршен период на османлиското владеење во Македонија Периодот на младотурскaта револуција (1908 – 1912 г.) е завршна етапа од османлиското владеење во Македонија. Младотурското движење имало влијание од европските буржоаски револуции, посебно од француската револуција и во своето дејствување ја позајмило познатата девиза „Слобода, еднаквост, братство“. Под раководство на комитетот „Единство и напредок“ на 3 јули 1908 г. во Ресен официјално започнала Младотурската револуција. Со победата бил воспоставен уставен парламентарен систем со прогласување слобода (уриет). Уриетот бил официјално прогласен во Солун и Скопје, на 24 јули 1908 година. Во овој период дел од македонските револуционери ја прифатиле можноста за соработка со Младотурците, со надеж дека во новата демократски преуредена држава ќе бидат решени најзначајните прашања, аграрното, социјалното, просветното, верското и други, со што македонското население требало да добие еднакви граѓански права со сите Османлии. Со своето учество во Младотурската револуција и со поддршка на власта на Младотурците, македонските револуционерни сили очекувале политичка автономија за Македонија. Движењето на крај прифатило само некои елементарни права на поробените народи, како што биле правото на основно образование, правото на печат, на говор и гаранција на еднаквост на „сите Османлии“ пред законот. Веќе наредната 1909 г. контрареволуцијата ја презела власта. Феноменот на облекување, од негов социјален аспект, можеме да го опсервираме и како симбол на идентитет. Фесот е капа со цилиндрична форма, свиткана со ткаенина најчесто во црвена боја. Во средината има пискул, закачен од врвот, чија должина и материјал го симболизирале статусот на сопственикот. Фесот како моден симбол пристигнал од градот Фес, Мароко, по што го добил и името. Војската на Османлиската Империја во 1826 г. почнала да го носи фесот како војничка капа. Стандардниот фес со црвена боја, станал официјално обележје на градскиот костум во 30-тите години на 19 век. Но, традиционалните костими сведочат дека фес носеле и жените, најчесто украсен со разновиден накит, вез, марами и друго. Во процесот на трансформација и воведување демократски норми при формирањето на современа држава Турција, фесот бил укинат во 1924 година.

13

На вашата дланка:

Фес

Фесот е капа со цилиндрична форма, замотана со ткаенина во црвена боја. Во средината има пискул, закачен од врвот, во црна боја. Обемот на фесот е 20 см, а должината на пискулот е 17 см.

Деветто одделение:

Време на балканските војни Прва балканска и Втора балканска или Меѓусојузничка војна се настани од пресудно значење за Македонија и македонскиот народ. Формално Првата балканска војна започнала со црногорскиот напад врз вооружените сили на османлиската војска на 8 октомври 1912 г., додека пак на 18 октомври 1912 г. ѝ се приклучиле Бугарија, Грција, а потоа и Србија, што всушност се смета за вистински почеток на војната. Воените дејства се одвивале од Скадарско, северна Албанија, Нови Пазар и Косово, па сѐ до централните делови на Албанија и Епир, додека најголемите борби се воделе во Македонија и Тракија. Оваа војна е водена под изговор за ослободување на поробените христијански народи на Балканот од османлиското владеење, но всушност била војна за поделба на Македонија. Лондонскиот мировен договор од мај 1913 г. го означува крајот на Првата балканска војна, кој траел навистина кратко. Веќе на 29 јуни 1913 г. бугарската војска извршила напад врз српските и грчките војски, со што започнала Втората балканска војна. На страната на Србија и Грција се приклучиле Црна Гора, Романија и Турција. Најголемата битка се водела на реката Брегалница од 30 јуни до 9 јули 1913 г. меѓу српските и бугарските војски, од која како победник излегла српската армија. Големи битки се воделе во Дојран, Струмица, Гевгелија и Кукуш. Резултатот од двете балкански војни е општо познат: границите на Балканот засекогаш се промениле. Останува фактот дека со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 г. е ратификувана поделбата на Македонија меѓу Бугарија, Албанија и Грција, а централниот дел бил доделен на Србија. Разврската на балканските војни, нововоспоставените граници на Балканот, непризнавањето на посебноста на македонскиот народ, обидите за надминување и разрешување на македонското прашање и денес можеме да ги проследиме преку документи, меморандуми, повици или печатени весници објавувани во тој период. Со својата дејност особено се истакнува Македонската колонија во Петроград, која праќа два меморандума, еден до конференцијата на големите сили во Лондон на 1 март 1913 година и вториот до влaдите на општествената јавност на сојузените балкански држави, на 7 јуни 1913 година. Во документите интелектуалците ги одразуваат вековните стремежи на македонскиот народ за слобода и независност.

14

На вашата дланка:

Списание ,, Македонски голос” Списанието „Македонскіѝ голосъ“ (руски) или „Македонски глас“ на Петроградската колонија во Русија, претставува манифестација на националниот живот на македонскиот народ, во почетокот на 20 век. Петроградскиот македонски гласник се јавува во улога на заштитник на самобитноста на македонскиот национален развој. Весникот се издавал еднаш или два пати месечно во период од 9 јуни 1913 г. до 20 ноември 1914 г., со вкупно 11 броја. Издавач на списанието бил Д. Павле Чуповски, одговорен редактор И.П. Кулезнев, а во последните два броја редактор бил Д.Д. Архангелски. Списанието е со висина до 22,5 см и ширина 14,5 см.

Десетто одделение:

Првата светска војна На крајот од јули 1914 г. само 10 месеци по крајот на Втората балканска војна избувнал нов масовен, разурнувачки и дотогаш невиден вооружен судир наречен Големата војна. Директен повод за почетокот на Првата светска војна се зема атентатот на австрискиот престолонаследник Фердинанд во Сараево 28 јуни 1914 г. извршен од националното движење Млада Босна. Во текот на Првата светска војна и македонскиот народ бил изложени на воените дејства кои се одвивале на Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) во период октомври 1915 – септември 1918 година. Фронтот се протегал од Јадранско Море, преку Охрид, планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе, Беласица, по должината на реката Места до Орфанскиот Залив во Егејското Море. Пресвртот на Првата светска војна започнал на Македонскиот фронт со Битката на Добро Поле на 15 септември 1918 година. На крајот и покрај учеството на дејците и револуционерите на ВМОРО како активна вооружена сила и мобилизираните Македонци во воените единици на балканските држави, Македонија повторно била изложена на воени разорувања и дел-

15

би. Првата светска војна завршила со мировен договор кој се одржал во Версај, предградие на Париз, во 1919 г. со кој практично се верифицирал Букурешкиот мировен договор со исклучок на минимални корекции во Струмица и нејзината околина, кои од составот на Бугарија биле доделени на Кралството на СХС. Првата светска војна е позната и како рововска според воената техника на дејствување. За првпат во војувањето се употребува револуционерно оружје, како тенкови и бојни отрови, односно хемиско оружје. Авионите, иако технички не биле развиени на високо ниво, за првпат се употребуваат во воената техника. Во овој период почнува масовно производство на рачни бомби, автоматско оружје како и воведувањето на подморниците, а старите типови на оружје се развиваат и се усовршуваат. Развојот на оружјето го поттикнал и развојот на воената опрема и прибор која е поделена на опрема за заштита на војникот и опрема за заштита на оружјето.

На вашата дланка:

Шлем

Музејскиот предмет шлем има елипсовидна форма, изработен е од метал во темносива боја, а во внатрешноста има кожени додатоци. На горниот дел, средишно се наоѓа испупчен раб, прицврстен со четири шрафа. Средишно на шлемот се наоѓа значка со латински натпис „Ubique cou fas et gloria ducund“. Натписот (Where Right and Glory Lead) претставува одраз на обврската на напаѓачите да бидат во акција секогаш кога е потребно. На значката е претставен и топ и во најгорниот дел и приказ на круна. Шлемот е произведен во периодот на Првата светска војна, за потребите на англиската армија. Тој е со должина од 31 см.

16

Единаесетто одделение:

Периодот меѓу двете светски војни Иако поделени, непризнати и одродени, идејата за слобода и државност останала главна водилка на македонскиот народ. Македонските револуционери во крајно неповолни услови продолжиле со борбата за конечно решавање на македонското прашање. Во новите историски услови дејствувале повеќе македонски организации, друштва, братства, групи и поединци во Македонија и во странство, со различни програми, методи и начини на дејствување и борба. Дел од овие политички и револуционерни сили ја следеле идејно-политичката подлога на првата Македонска револуционерна организација, а дел од нив потпаднале под туѓи влијанија. Една од организациите кои придонеле илинденските традиции да продолжат да живеат меѓу македонската емиграција во Бугарија и македонскиот народ во Пиринска Македонија во првите неколку години по Првата светска војна била Илинденската организација. Приоритетна задача на оваа културно-просветна и добротворна организација уште од своите почетоци во 1921 година, била популаризирање на илинденските револуционерните традиции. Посебен белег претставува илинденската прослава во 1923 година, односно постапката на пренесување на посмртните останки на Гоце Делчев. Конечно, на 11 октомври 1946 година, во согласност со неговата лична желба, Гоце Делчев почива во слободна Македонија.

На вашата дланка:

Легитимација на илинденската организација Легитимација од Илинденската организација е со број N 829, издадена во градот Софија, царство Бугарија. На левата страна е претставена фотографија на членот на организацијата г. Б. Димитров со потекло од село во солунската област. На предната страна има печат во црвена боја, потпис на претседателот Димитар Николов и секретарот на организацијата. Во втората

17

половина од легитимацијата е претставен Уставот, и етно-географска карта на Македонија во Отоманската Империја. Легитимацијата има тврд црвен повез на која со жолти букви го пишува името ИЛИНДЕН, а текстот „1903 година 2 август“ е претставен во кружен дел украсен со златна боја.

Дванаесетто одделение:

НОБ и создавањето на македонската држава Антифашистичката и Народноослободителната борба на македонскиот народ во периодот од 1941 до 1945 година претставувала продолжување на Националноослободителната борба. Илинденските традиции биле поттик и патоказ на младите македонски револуционери да истраат во исполнувањето на целта: национална и политичка слобода и македонска државност. Најголемиот дел од Македонците во сите три дела на поделена Македонија застанале на страната на антифашистичкиот сојуз и во борбата против фашизмот и окупаторите ја согледале историската можност за конечно исполнување на вековните стремежи на генерации Македонци за своја држава. За ден на востанието се смета 11 Октомври 1941 г. кога ПК на КПЈ за Македонија, носи одлука за отпочнување на вооружените дејства. Во Куманово, иако постоела спремност за излегување, акциите започнале на 12 октомври во доцните вечерни часови. Во историографијата се потврдени диверзантски и вооружени акции кои се случувале и пред официјалниот почеток на војната во периодот јуни-септември 1941 година. Како резултат на заклучоците донесени на Преспанското советување на 2 август 1943 г. и оцената на политичкото раководство за квалитетот на партизанските одреди, Главниот штаб на НОВ и ПОМ пристапува кон создавање крупни воени единици. На 18 август 1943 г. со наредба издадена од Штабот на Втората оперативна зона на Славеј Планина е формиран првиот баталјон „Мирче Ацев“ од околу 200 борци од Преспанско-битолскиот партизански одред „Дамјан Груев“, од делови на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, од делови на Прилепскиот партизански одред „Ѓорче Петров“ и од новопристигнати борци од Дебарца. Баталјонот претставува прва масовна формација на народноослободителна војска на Македонија во текот на војната.

18

Македонскиот народ како резултат на континуираната борба во период од само 41 година од Илинденското востание до АСНОМ за првпат на еден дел од територијата на Македонија ги реализираше вековните стремежи за сопствена држава. По завршувањето на Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија и Југославија (1941 -1945) создадена е федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија (ДФЈ). Во процесот на поставување на темелите на државноста на Македонија клучен настан е Првото заседание на АСНОМ, кое се одржало во манастирот „Св. отец Прохор Пчињски“ на Илинден 2 август 1944 г. Овој значаен историски настан, во постојаната поставка на музејот е претставен преку автентичен реконструиран амбиент на заседанието. На Првото заседание се донесени девет акти, односно седум решенија, една декларација и еден правилник, од кои четири имаат државно-правно и уставно значење. Тоа се: 1. Решението за Антифашистичко собрание на народно ослободување на Македонија како врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија (АСНОМ) 2. Декларацијата на АСНОМ за основните човекови права на граѓанинот на демократска Македонија 3. Решението на АСНОМ за одобрување на решенијата, заповедите и задолженијата земени од Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и Иницијативниот одбор за свикување на Македонија. 4. Решението на АСНОМ за заведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава.

На вашата дланка:

Записник во ракопис Записникот содржи белешки од сите одржани заседанија на президиумот на АСНОМ од 1944 и 1945 година. Преку него можеме да ги следиме општествените процеси на креирање на државата и формирање на сите органи на власт. На крајот од секој записник има своерачни потписи на членови на раководството, претседател, членови и секретар Президиумот на АСНОМ. Содржи 88 рачно пишувани страници.

19

Тринаесетто одделение:

Период на современа македонска држава Периодот на современата македонска држава во рамките на југословенската федерација од 1945 до 90-тите години на 20 век е исполнет со многубројни историски противречности. Од една страна создадената македонска држава била сигурност за национален процут на македонскиот народ, а од другата се вршел строг идеолошки надзор над сите текови во општеството (од економијата до културата) проектирани, насочувани и одредувани од Комунистичката партија како единствена владејачка партиска организација. Додека Македонија доживувала силен стопански и индустриски развој и развој на сите институции на државноста, во исто време била под постојан притисок и задушување на прогресивните идеи за поширока автономија во одлучувањето на внатрешната и надворешната политика на македонската држава во однос на федерацијата. Во 1940 година фабриката „Застава“ за потребите на Југословенската армија ги произвела камионите „шевролет“. Во 1954 г. била откупена лиценцата од италијанската фирма „Фијат“ и три месеци подоцна се започнало со монтажа на првите возила модели на џип AR-55 1400 BJ и 1100 B.

На вашата дланка:

Теренско возило застава ,, AR 55” Во постојаната поставка е изложена војничка верзија на „застава AR 55“, познат под назив „кампањола“. Автомобилот спаѓа во класата на теренски возила, тој е со три врати и со две предни седишта, а задниот дел се користел за превоз на војници или воена опрема и тој е во зелена боја. Ознаката АR во превод значи „Извиднички автомобил“ и според неа може да потврдиме дека е војничка верзија, додека, пак, 55 ја означува годината на производство. Ширината на возилото е 148 см, а висината 195 см.

20

За крај

Секоја приказна има свој крај, а нашата завршува во холот на НУ Музеј на македонската борба. Под симболичното сонце претставено во прекрасниот витраж што го покрива музејот е сместена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ за самоопределување и отцепување, донесена од Собранието на седницата одржана на 25 јануари 1991г. Овој документ претставува почеток на низата документи донесени од новоформираните македонски демократски институции во конститутивниот процес на современата македонска држава. Централно е изложена и Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонската држава од 17 септември 1991 г. и Декларацијата за меѓународно признавање од 19 декември 1991 година. Овој процес ќе го потврди и изрази конституирањето на македонската република како суверена, демократска и правна држава, која ќе се засновува врз суверенитетот на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, како и врз владеење на правото, социјалната правда и рамноправните услови за напредок на поединците и заедницата.

Методологија Описот на одделенијата и музејскиот фонд (музејски материјали, музејски предмети и дополнителен илустративен материјал) е креиран за потребите на Проектот за подобрување на пристапноста и инклузивноста на слепите и слабовидни лица во НУ Музеј на македонската борба во директна соработка со учениците и соработниците од училиштето „Димитар Влахов“ и ПОУ „Иднина“, како и претставниците на Националниот сојуз на слепите на Р. Македонија. Со проектот се овозможува оваа група на граѓани да стане активен и нераскинлив дел од културниот живот и општеството во целина. Водичот е посветен на сите нив кои ни даваат поттик да учиме и заеднички да работиме.

21

Архаизми АРБИЈА - тенка прачка од дрво или метал, наменета за чистење на цевката на оружјето БАРУТНИЦА - кутија начесто направена од дрво, метал, месинг во која се чувал барут за оружјето БУТИН – традиционален дрвен сад за млеко и млечни производи МАСТИЛНИЦА - кутија начесто од метал, која се користела за носење масло за подмачкување на оружјето КАСЕЛА – традиционален дрвен ковчег КРЕМЕН – многу тврд камен

ПИСКУЛ – реси ПРИПОЈАСНИЦА - ремен кој се носи на половината на кој се става оружјето и воената опрема

РОЗЕТА – Орнамент во вид на цвет на ружа, украсена со стилизирани листови ФИШЕКЛИЈА - кутија во која се носеле фишеци ХЕЛЕБАРДА - вид секира со двојно сечило

Селективна биографија Абдули Рамиз, Албанското ослободително движење 1908 - 1910, том I, ИНИ, Скопје, 2002. Битовски Крсте, Солунските атентати 1903, ИНИ, Скопје,1985. Велјановски Новица, Државноправниот развој на Македонија, Институт за национална историја, НИП Нова Македонија, Скопје,1992. Гошева Вера, Илинденска организација 1921 - 1947, Скопје, 2004. Ѓорѓиев Ванчо, Слобода или смрт, македонското револуционерно националноослободително двжење во Солунски вилает 1893 - 1903, Табернакул, Скопје, 2003. Ковиловски Славчо, Македонија и балканските војни, Современост, Урбан институт, Скопје, 2012. Коруновска Емилија, Штипјани учесници во балканските војни 1912 - 1913 и во Првата светска војна 1914 - 1918, Европа 92, Штип, 2015. Котлар-Трајкова Наташа, Војводата Русински македонски револуционер и општественик, Менора, Скопје, 2013. Крстева Милка, Традиционални садови од дрво, НУ Музеј на Македонија, Скопје, 2009. Љубен Лапе, Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ, II дел, трето дополнително и проширено издание, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, 1976. Михајлов Миле, Прашањето за обединување на Македонија во Втората светска војна, Институт за национална историја, Скопје, Сак Стил, 2000. Пандевски Манол, Македонското ослободително дело во XIX и XX век, том I и том V, Мисла, Скопје, 1987. Петков Мисирков Крсте, За македонцките работи, Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје, 1948, пристапено на 17.7.2018 год. http://www.2015.gbsk.mk/images/stories/eknigi/za-makedonckiteraboti.pdf Славич Душан, Илустративна историја Балканског рата 1912 - 1913, књига прва, Београд, 1913. Стојанова Мери, Невестински соништа, НУ Завод и музеј Битола, Битола, 2012. Стојчев Ванче, Дрвените топови во историјата на македонскиот народ, ИНИ, Гласник, год. 45 бр. 1, Скопје, 2001. Ристовски Блаже, Македонскиот преродбенски XIX век, том I, прва книга, Три, Скопје, 2011. Христов Александар, Донев Јован, Македонија во меѓународните договори 1875 - 1919, Архив на Македонија, Матица македонска, Скопје, 1994.

22

Проект: Отворени музеи - Проект за подобрување на пристапноста и инклузивноста на слепите и слабовидни лица во НУ Музеј на македонската борба Во реализацијата на проектот учествуваа: м-р Данијела Трајкова-Крстиќ, Ана Вишинова, Даниела Митевска, Стефан Трповски, Пaнче Стефановски Надворешен соработник: Јове Парговски Стручни консултанти: д-р Ирена Ружин, Невенка Котевска, Емилија Георгиева, Коце Димов Издавач: НУ Музеј на македонската борба – Скопје В.Д. Директор: Даниела Николова Имплементатор на проектот: НУ Музеј на македонската борба – Скопје во партнерство со Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов - Скопје Национален сојуз на слепи на Република Македонија Благодарност до Проектот за деца со пречки во видот (УСАИД, Лајонс Македонија, Универзитет на Југоисточна Европа) за помош во печатењето и адаптацијата на материјалите на Брајово писмо. Проект-координатор: м-р Маја Миноска-Павловска Лектор: Евгенија Стојанова Дизајн: Јана Ацевска Печати: Феникс принт Кочани Тираж: 200 CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје 325.83(=163.3):069.51-056.262(036) 316.728(=163.3):069.51-056.262(036) 304.2(=163.3):069.51-056.262(036) МИНАТО на дланка / [адаптација на текст Данијела Трајкова-Крстиќ ; ]. - Скопје: НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност - Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим, 2018. - 24 стр. : илустр. ; 21 см Библиографија: стр. 24 ISBN 978-608-65981-6-7 а) Македонци - Револуционерна борба - Музејски експонати - Слепи и слабовидни лица - Водичи б) Македонци - Секојдневен живот - Музејски експонати - Слепи и слабовидни лица - Водичи в) Македонци - Општествено-културен живот - Музејски експонати - Слепи и слабовидни лица - Водичи COBISS.MK-ID 108745994

23

Поддржано од Балканска музејска мрежа

Финансирано од страна на Фондацијата Ставрос Ниаркос низ проектот на мали грантови на Балканската музејска мрежа имплементирана од Фондацијата Културно наследство без граници во Босна и Херцеговина.

Get in touch

Social

© Copyright 2013 - 2024 MYDOKUMENT.COM - All rights reserved.